Moj НРП

За нас

Програмата Немаме резервна планета е еден од проектите на кои ОХО континуирано работи веќе 10 години во ширењето на еколошката свест и култура во Република Македонија.

Потребата од развивање и подигање на еколошката свест кај децата од предучилиштната и училиштната возраст во услови на транзиција и реформи на скоро сите структури на системот, вклучувајќи го и образовниот систем се причини кои неминовно доведоа до дизајнирање и реализација на програмата Немаме резервна планета.

Програмата се роди од потребата одредени видувања на светот што нè опкружува, одредени животни навики и одредени модели на однесување кон животната средина да почнат да се учат уште од најмала возраст.

Колку вредат чистиот воздух, бистрите планински води, зелените ливади? Имаат ли цена јасното сонце, парчето сино небо, веселата песна на птиците? Што се тоа озонски дупки, глобално затоплување на Земјата и зошто умираат одредени видови на живи организми? Каде го туркаме светот со своето невнимание и негрижа? И секако најважното прашање: Што можеме ние да направиме за да го подобриме нашиот дом?

Сите овие и многу други прашања се потрудивме да ги одговориме на лесен, разбирлив и за децата близок начин. Ако кон тоа ги додадеме оригиналните секогаш и секаде исклучително препознатливи илустрации на  еко-момчето,  еко-девојчето и еколошки расположените Петко и Мири кои се главни актери и модели на  однесување кон животната средина, ги посочивме и основните карактеристики по кои оваа програма стана омилена кај децата и кај нивните наставници.

Децата добија одговор на прашањата кои си ги поставуваат, а наставниците добија дидактички нагледни средства кои навистина им недостасуваат за да можат да обработат одредени еколошки теми.