Moj НРП

Регионален и интернационален карактер

Програмата Немаме резервна планета за прв пат во Република Македонија почна да се реализира во 1999 година како пилот проект. Набргу поради големиот интерес на училиштата доби широки размери и се прошири низ целата територија на Република Македонија. Денес ги опфаќа сите основни училишта и предучилиштни установи во Република Македонија. Кон крајот на 2000 година програмата се прошири и во сите основни училишта во Косово и тоа во соработка со одделите за образование и екологија на УНМИК. Материјалите беа преведени на српски, албански и ромски јазик и дистрибуирани во тамошните училишта.

Веќе во 2002 година програмата Немаме резервна планета го најде своето место и во Република Србија, поддржана од тамошното Министерство за образование и Министерство за животна средина и заштита на природните богатства. Во Република Србија програмата се реализираше како пилот проект во седум општини (Ниш, Краљево, Куршумлија, Ужице, Чачак, Нови Пазар и Пожега) и опфати 110 училишта. Во наредниот период програмата ќе се шири и во Република Албанија и Црна Гора.
ОХО ги поврзува училиштата во мрежата на еко-училишта на национално и интернационално ниво. Мрежата на еко-училишта е воспоставена на национално ниво. Посетите кои имаат цел соработка помеѓу училиштата се организираат многу често. Наставниците и учениците ги сакаат овие средби бидејќи можат да ги разменат своите искуства но и да научат многу нови работи.

Регионалниот карактер на програмата Немаме резервна планета се потврдува со одличната прифатеност, популарноста и универзалната применливост без разлика дали е на македонски, српски, албански, ромски или на турски јазик.

Интернационален карактер
Од јуни 2007 година ОХО влезе во Меѓународната мрежа на организации наречена ФЕЕ (Фондација за еколошка едукација) која постои од 1981 година со цел да ја подигне свеста за заштитата на животната средина и да направи ефективни промени во однесувањето на човекот преку едукација. И двете цели се насочени кон долг и одржлив развој и опстанок на планетата Земја.
ОХО е национален координатор на оваа програма во Република Македонија за сите заинтересирани училишта кои сакаат да бидат дел од оваа програма.
ОХО им помага со соодветни обуки и консултации на заинтересираните училишта. Исто така, ОХО како национален координатор има задача да го следи напредокот на училиштата и истите да ги наградува.

Како член на интернационалната организација FEE, ОХО  се стекнува со правото да ги спроведува сите програми на истата. Тука ќе се спомнат програмите Како да се стане еко-училиште и прграмата Млади репортери за животната средина. Програмата Како да се стане еко-училиште се спроведува од страна на 52 земји од целиот свет. Програмата Млади репортери за животната средина е спроведувана од страна на 22 земји од целиот свет.
Со членството во интернационалната мрежа, училиштата и градинките имаат можност да учествуваат во интернационални натпревари, проекти и да се вклучуваат во заеднички проекти со училишта/градинки кои се дел од интернационалната мрежа на еко-училишта.