Moj НРП

Конкурс: Пријавување за наградување на еко-училишта и еко-градинки

Конкурс: Пријавување за наградување на еко-училишта и еко-градинки

Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ (во понатамошниот текст Програматa) се имплементира преку канцеларијата во Министерството за образование и наука на Република Македонија, согласно потпишаниот Меморандум за соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка.
Програмата ја спроведува Здружението на граѓани ОХО како организација со долгогодишно искуство во областа на заштитата на животната средина и еколошката едукација.
 
Главна придобивка од Програмата е можноста за создавање мрежа на еко-училишта и еко-градинки кои ја усвоиле заштитата на животната средина како една од основните вредности во својот развој и управување. Со членство во мрежата, еко-училиштата и еко-градинките добиваат можност за учество во национални и интернационални натпревари, можност за аплицирање со проекти, можност за добивање финансиска поддршка од ОХО, поврзување со училишта и градинки од регионот и пошироко и многу други поволности.
За таа цел, Здружението на граѓани ОХО како имплементатор на Програмата, распишува конкурс за наградување на училишта и градинки за бронзено ниво, сребрено ниво и ниво на зелено знаме.
Услови за пријавување на конкурсот за наградување:
- Училиштето/градинката се вклучени во една од трите учебни години од имплементацијата на Програмата (учебна 2010/2011, 2011/2012 или 2012/2013).
- Училиштето/градинката имаат учествувано на сите обуки организирани од Програмата (обука за директори, обука за претставници од педагошко-психолошката служба на училиштата/градинките, обука за наставник/воспитувач координатор).
- Училиштето/градинката целосно ги реализирале 7-те чекори еко-менаџмент со активно вклучување на децата/учениците, вработените и родителите.
- Училиштето/градинката има потпишано Меморандум за соработка со општината.
- Училиштето/градинката ја има вклучено Програмата во Годишната програма за работа преку интегрираното планирање на точките на акција од еко-стандардите.
 
Пријавување:
Училиштата/градинките можат да се пријават исклучиво по електронски пат на следниов линк: http://nrp.org.mk/ekouciliste.aspx?cid=950&;l=5&scID=950
(електронското пријавување се врши преку веб порталот www.nrp.org.mk во левата колона под табот „Конкурси“ одбирате „Еко-училиште/ Еко-градинка“).
Училиштата/градинките можат да аплицираат за едно од нивоата на наградување исклучиво електронски на горенаведениот линк најдоцна до 15.10.2014, до 24:00 часот. По 24:00 часот електронското пријавување ќе биде затворено и нема да можете ниту да се пријавувате, ниту да додавате прилози.
Забелешка: Училиштето/градинката може да аплицира само за едно ниво на наградување од Програмата. Доколку согласно условите не ги исполни критериумите за нивото за кое аплицира, ќе има можност повторно да аплицира следната година. Училиштата/градинките кои беа наградени со сребрено ниво и бронзено ниво на конкурсот во учебната 2013/2014 година имаат право оваа година да се пријават за ниво на зелено знаме доколку ги исполнуваат соодветните услови и критаериуми. Истовремено, се поттикнуваат училиштата и градинките кои се стекнале со статус на зелено знаме од Програмата во учебната 2012/2013повторно да аплицираат за да го задржат статусот. Доколку не ги исполнуваат условите и критериумите за зелено знаме, истото ќе им биде одземено!
Важно: За училиштата/градинките кои ќе се пријават за зелено знаме, ќе бидат извршени мониторинг и евалуација од страна на комисијата за наградување.
Училиштата и градинките кои ќе бидат наградени за нивото за кое аплицирале ќе бидат известени преку официјалната е-пошта на Програмата: eko-mreza@mon.gov.mk најдоцна до 15.11.2014 година. Училиштата/градинките кои ќе добијат зелено знаме ќе имаат можност да аплицираат за финансиска поддршка за реализација на еколошки проекти.
За дополнителни прашања, користете ја исклучиво електронската комуникација (е-пошта:konkurseu@oxo.org.mk). Ве молиме без телефонски јавувања.