Moj НРП

МЕТОДОЛОГИЈА НА СЕДУМ ЧЕКОРИ ЕКО-МЕНАЏМЕНТ

Методологијата на седумте чекори овозможува училиштата да ја спојат теоријата со праксата при реализацијата на Програмата.

Методологија на седум чекори:

1.Формирање на еко одбор
2.Анализа на состојбата на животната средина
3.План на активности
4.Следење и евалуација на напредокот
5.Поврзување со наставната програма
6.Информирање и вклучување на целото училиште и пошироката јавност
7.Еко-кодекс

Седумте чекори од Програмата можат да се реализираат во два дела: теоретски и практичен.

Во теоретскиот дел се следниве чекори:
* Формирање на еко-одбор
* Поврзување со наставната програма
* Еко-кодекс

Во практичниот дел се следниве чекори:
* Анализа на состојбата на животната средина
* План на активности (вклучувајќи ја и реализацијата на еко-стандардите)
* Следење и евалуација на напредокот
* Информирање и вклучување на целото училиште и  пошироката јавност

1. Формирање на еко-одбор
Еко-одборот е движечката сила на Програмата. Негови членови можат да бидат: наставници од предметна или одделенска настава, родители, претставници од техничкиот персонал на училиштето, претставници од локалната заедница, претставници од медиумите, претставници од невладините организации, бизнис секторот, претставници од педагошко-психолошка служба и најважно од сѐ, негови членови се учениците. Членовите на еко-одборот се менуваат или се зголемуваат согласно потребите и интересите на училиштето. Еко-одборот предлага, подготвува и дава сугестии за активностите кои се преземаат за реализација на Програмата, но и дава совети, информации и поддршка.
Еко-одборот се состанува на седници и со него раководи претседател. Темите и предлозите за кои дискутира еко-одборот се запишуваат во форма на записник кој се презентира на состаноците на наставничкиот совет, училишниот одбор и одборот на родители, така што сите се информирани за текот и реализацијата на Програмата.

2. Анализа на состојбата на животната средина
Целта на овој чекор е да се утврди во каква состојба се наоѓа училиштето. Со анализата се добиваат податоци и информации за: колку отпад се произведува, колку вода се троши, каква е состојбата со водоводната инсталација, какви средства за чистење се употребуваат, каква е состојбата во училишниот двор, колкав е степенот на свесноста за заштитата на животната средина и какви активности презема училиштето околу тоа. Анализата ќе помогне во воспоставувањето приоритети за активностите кои ќе се преземемат. За детална и прецизно изработена анализа  училиштата треба да се водат според воспоставените еко-стандарди.

3. План на активности
Планот на активности се прави врз основа на изработената Анализа и точките на акција од еко-стандардите. Планот на активности е јадрото на Програмата и ги содржи целите за реализација, со временски рокови за нивно почнување и завршување како и распределување на обврските и одговорностите на сите кои се вклучени во реализацијата на Програмата. Поставените цели треба да водат кон подобрување на животната средина во училиштето.

4. Следење и евалуација на напредокот
За успешна реализација на планот на активности во целото училиште мора постојано да се мери успехот што се постигнува. Овој чекор се состои од методи на следење на реализираните активности и нивно мерење. Методите на следење зависат од реализацијата на активностите кои се зададени во планот на активности. Овој чекор овозможува учениците да преземат повеќе обврски и активно да се вклучат во негова реализација, на пример: читање на водомерите, пресметување на заштедите според месечните сметки за електрична енергија и вода итн. За таа цел можат да се користат индикаторите дадени за секоја точка на акција од еко-стандардите како и разни форми на прашалници, интервјуа и слично. Со следењето и евалуацијата се овозможуваат промени во Планот на активности доколку во некои области се потребни прилагодувања.

5. Поврзување со наставната програма
Преку овој чекор се спојува теоријата со пракса, односно еко-стандардите и точките на акција како приоритети на училиштето, добиваат теоретска примена во наставата. Еко-стандардите и деветте еколошки теми за работа на училиштето овозможуваат бројни можности за поврзување со редовната настава, особено со наставните програми по: запознавање на околината, природа, природни науки, граѓанско образование, биологија, хемија, физика, географија, животни вештини, воспитание за околината и слично и Годишната програма за работа. Со тоа се збогатуваат постоечките предмети со еколошки содржини и содржини за заштита на животната средина. Со реализација на овој чекор учениците, децата, вработените и пошироката заедница добиваат знаења за конкретните акции кои ги презема училиштето за заштитата на животната средина и реализацијата на Програмата.

6. Информирање и вклучување на целото училиште и пошироката заедница
Активностите за информирање и вклучување на целото училиште и пошироката заедница овозможуваат што повеќе луѓе да бидат информирани и да добијат можност за учество во Програмата. Постојат два вида на односи со јавноста: интерно информирање односно информирање на родителите, целиот наставно-воспитен кадар во училиштето и екстерно информирање односно информирање на пошироката јавност преку медиумите и други форми на информирање. Вклучувањето на пошироката заедница претставува дополнителен извор за информации, совети, контакти како и практична или финансиска помош. Овој чекор овозможува дополнителен публицитет и препознатливост на училиштето.

7. Еко-кодекс
Еко-кодексот ја дефинира целата мисија на училиштето и претставува заеднички став односно правилник на однесување на сите вклучени во Програмата. На јасен и декларативен начин се покажува посветеноста на училиштето за подобрување на условите во кои се учи и работи. Еко-кодексот може да биде листа на едноставни реченици, но и конкретни акции и правила кон кои ќе се придржуваат сите ученици, училишниот персонал, но и сите вклучени во Програмата. Еко-кодексот се истакнува на видливо место и е збогатуван со информации на годишно или полугодишно ниво.