Moj НРП

ПРИЈАВУВАЊЕ ЗА НАГРАДА И НАГРАДУВАЊЕ

Мрежа на еко-училишта

Со членството на ОХО во интернационалната организација ФЕЕ (Фондација за еколошка едукација), се овозможува еко-училиштата со статус (зелено знаме, сребрено и бронзено ниво) да станат дел од мрежата на еко-училишта. Во мрежата членуваат оние училишта кои покрај реализаиција на седумте чекори, точките на акција од еко-стандардите и интегрирањето на Програмата во Годишните програми за работа, покажуваат посебен интерес за постигнување на конкретни резултати кои водат до заштита на животната средина. Членството во мрежата се стекнува со добивањето статус на одредено ниво, со платена членарина на годишно ниво и со исполнување на одредени критериуми. Со членството во мрежата на еко-училишта, имаат можност да учествуваат во национални и интернационални натпревари, да аплицираат за проект, да добијат финансиска поддршка од ОХО и да се поврзат со други училишта на интернационално ниво.

ОХО на годишно ниво објавува конкурс за пријавување за наградување. Постојат три нивоа на наградување на еко-училиштата во Програмата: 

1. Првото и највисокото ниво на наградување- НИВО НА ЗЕЛЕНО ЗНАМЕ.

Со зелено знаме се наградуваат еко-училиштата кои ги реализирале седумте чекори еко-менаџмент преку систематичен и реално утврден план. Училиштето ја има усвоено заштитата на животната средина како една од основните вредности преку воспоставување на еко-стандардите. Исто така, преку реализираните активности има постигнато мерливи и видливи резултати кои ги вклучуваат најголемиот број од точките на акција од еко-стандардите. Училиштето континуирано интегрира содржини од деветте еколошки теми и точките на акција во Годишните програми за работа. 

Училиштето има учествувано на сите обуки од Програмата (обука за директори, обука за претставници на педагошко-психолошката служба и обука за наставник-координатор).

Во еко-училиштата сите придонесуваат и активно учествуваат за успешна реализација на Програмата. Еко-училиштето има потпишано Меморандум за соработка со општината со кој се регулираат меѓусебните односи со цел подобрување на состојбата на животната средина во нивната заедница. Исто така имаат воспоставено добра соработка со јавните претпријатија, родителите и медиумите. Еко-училиштето во креирањето на плановите ги вклучуваат сите кои учат и престојуваат, работат и со кои соработуваат при реализацијата на Програмата. 
Еко-училиштето е економично и домаќинско раководено и управувано со јасни временски определени цели и задачи од кои може да се види вистинската посветеност при реализацијата на оваа Програма. 

Пријавување за награда
1. За зелено знаме, може да се пријави училиште со изработен еко- проект со кој се реализира конкретна акција кон животната средина, а истовремено придонесува за подобрување на условите во училиштето. 
2. Училиштето можат да бидат пријавено од општината, како резултат на потпишаниот Меморандум за соработка. Општината треба да ги пријави училиштето за изработен проект при кој заеднички соработувале.

Врз пријавата на училиштето ќе влијаат извештаите од спроведените евалуации (самоевалуација, екстерна и интегрална евалуација). 
Училиштето кои ги исполнува највисоките критериуми за успешна реализација на Програмата ќе биде наградено со зелено знаме, сертификати од ФЕЕ (Фондација за еколошка едукација) како и сертификати за учесниците кои најмногу придонесле за реализацијата на Програмата. Покрај зеленото знаме, училиштето може да добие и финансиска поддршка од ОХО за реализација на еко-проектите. 
Училиштето наградено со зелено знаме може да учествува во интернационални конкурси, натпревари и проекти преку членството на ОХО во интернационалната мрежа на организации за едукација и заштита на животната средина.
Добиеното зелено знаме има важност две години. Во текот на двете години, училиштето треба да го одржи статусот односно континуитетот и квалитетот на работата. Во спротивно, зеленото знаме може да биде одземено. 


2. Второто ниво на наградување- СРЕБРЕНО НИВО. 
Со сребрено ниво се наградуваат еко-училиштата кои делумно ја имплементираат Програмата, а ги реализираат седумте чекори еко-менаџмент без претходно подготвен план. Училиштето се стреми кон подобрување на состојбата на животната средина и делумно ги реализира точките на акции од еко-стандардите. Исто така, повремено реализира активности со кои постигнуваат делумни резултати. Училиштето  делумно интегрира содржини од деветте еколошки теми и точките на акции во Годишните програми за работа.

Училиштето има учествувано на сите обуки од Програмата (обука за директори, обука за претставници на педагошко-психолошката служба и обука за наставник-координатор).

Делумно или поголем дел од персоналот, децата, учениците, родителската заедница и вработените се информирани за реализацијата на Програмата во училиштето, но повремено се вклучени во конкретни активности од Програмата.
Еко-училиштето има воспоставено соработка со општината, јавните претпријатија, родителите и медиумите, но истите повремено соработуваат при реализацијата на конкретни активности од Програмата.
Еко-училиштето е делумно економски и домаќински раководено и управувано, но не постојат јасни временски цели за реализација на конкретни активности од Програмата.

Пријавување за награда
Принципот за пријавување за награда или определување на нивото на училиштето е ист како и горенаведениот (зелено знаме). 

Училиштето кое ги исполнува наведените критериуми за реализација на Програмата ќе биде наградено со сертификати од ФЕЕ (Фондација за еколошка едукација) како и сертификати за учесниците кои најмногу придонесле за реализацијата на Програмата. Покрај сертификатите за сребрено ниво, училиштето може да добие и помала финансиска поддршка во однос на училиштата со зелено знаме од ОХО за реализација на еко-проектите. 
Еко-училиштата наградени со сребрено ниво можат да учествуваат во интернационални конкурси, натпревари и проекти преку членството на ОХО во интернационалната мрежа на организации за едукација и заштита на животната средина.


3. Третото ниво на наградување- БРОНЗЕНО НИВО.

Со бронзено ниво се наградуваат еко-училиштата кои ја имплементираат Програмата, ги реализираат седумте чекори еко-менаџмент меѓутоа не реализираат редовни активности за постигнување на конкретни резултати. Училиштето се залага за подобрување на состојбата на животната средина и реализира мал дел од точките на акции од еко-стандардите. Училиштето интегрира мал број содржини од деветте еколошки теми и точките на акции во Годишните програми за работа.

Училиштето  има учествувано на сите обуки од Програмата (обука за директори, обука за претставници на педагошко-психолошката служба и обука за наставник-координатор).

Мал дел од персоналот, децата, учениците, родителската заедница и вработените се информирани за реализацијата на Програмата во училиштето и нередовно се вклучуваат во конкретни активности од Програмата.
Еко-училиштето има воспоставено соработка со општината, јавните претпријатија, родителите и медиумите, но истите повремено соработуваат при реализација на конкретни активности од Програмата.

Пријавување за награда
Принципот за пријавување за награда или определување на нивото на училиштето е ист како и горенаведениот (зелено знаме). 

Училиштето кое ги исполнува наведените критериуми за реализација на Програмата ќе биде наградено со сертификати од ФЕЕ (Фондација за еколошка едукација) како и сертификати за учесниците кои најмногу придонесле за реализацијата на Програмата.
Еко-училиштата наградени со бронзено ниво можат да учествуваат во интернационални конкурси, натпревари и проекти преку членството на ОХО во интернационалната мрежа на организации за едукација и заштита на животната средина.

Важно: Ве информираме дека градинките, основните и средните училишта за кои е утврдено дека се членови на мрежата на еко училишта и градинки, ќе биде потребно да плаќаат членарина за соодветниот статус, на годишно ниво, за време на нивното членство во мрежата (100 евра за зелено знаме, 75 евра за сребрено ниво и 50 евра за бронзено ниво). Стекнатиот статус е со времтраење од две години, со што членовите на мрежата за времетраењето на статусот ќе треба да го плаќаат горенаведениот износ.