Moj НРП

Соработка со општините и Градот Скопје

Преку Програмата се поттикнува и развива соработката помеѓу училиштата и градинките со општините и Градот Скопје. Иницијативата за соработка на оваа Програма меѓу општините и Градот Скопје и воспитно-образовните институции има цел да обезбеди долгорочен одржлив развој на целата заедница.

Општините и Градот Скопје континуирано го следат, надгледуваат и активно учествуваат во процесот на реализација на Програмата во градинките и училиштата на локално ниво. Спроведувањето на Програмата придонесува за едуцирање на граѓаните кои активно ќе се грижат за своето место на живеење и активно ќе ги подобруваат условите за живеење во заедницата. Исто така, успешната реализација на активностите од Програмата ќе доведе до финансиски заштеди на образовните институции и  општините и Градот Скопје.

Градоначалникот номинира лице кое ќе биде одговорно за спроведување на Програмата на локално ниво и задолжено за континуирана комуникација со канцеларијата на Програмата при Министерството за образование и наука. Исто така назначува едно или повеќе лица кои ќе бидат членови на еко-одборот во образовните институции во општината. Едно лице може да биде номинирано најмногу во пет еко-одбори, во зависност од бројот на образовни институции во општината.

Општините и Градот Скопје придонесуваат и учествуваат во реализација на Програмата преку следниве активности:

- Ја одобруваат и следат имплементацијата на Програмата во Годишните програми за работа на градинките и училиштата во општината;
- Подготвуваат годишен извештај за реализацијата на Програмата, вршат мониторинг и евалуација на Програмата со пополнување на формулар за секоја градинка, основно и средно училиште од општината најдоцна до 10. јуни секоја учебна година;
- Настојуваат градинките и училиштата во општината да ја усвојат заштитата на животната средина и еколошката едукација како една од основните вредности во својот развој и управување;
- Помагаат во реализацијата на седумте чекори еко-менаџмет и еко-стандардите во градинките и училиштата во општината со цел да го добијат и задржат статусот на еко-градинка и еко-училиште;
- Ги помагаат идејните решенија на градинките и училиштата во општината со цел реализација на еколошки проекти, еколошка едукација и подигање на свеста за заштитата на животната средина;
- Вршат дистрибуција на дидактичките материјали до градинките и училиштата во општината без финански надомест;
- Учествуваат и ги поддржуваат градинките и училиштата во реализацијата на конкретни проекти и акции;
- Ги номинираат и поддржуваат градинките и училиштата од општината на конкурсот за наградување, согласно условите кои ги исполнуваат за зелено знаме, сребрено или бронзено ниво;
- Обезбедуваат годишна членарина за секое основно училиште односно градинка од општината номинирано за зелено знаме, за сребрено и за бронзено ниво и за членството во националната и интернационалната мрежа на еко-училишта, односно еко-градинки (регулирано со Меморандум за соработка на секоја општина со Здружението на граѓани ОХО);
-  Се вклучуваат во наградувањето на еко-училиштата и еко-градинките од општината;
- Го презентираат проектот „50-50“ во градинките и училиштата од општината кој се базира на финансиски заштеди за градинките, училиштата и општините со преземање на конкретни акции во однос на животната средина;
- Даваат поддршка на градинките и училиштата од општината при нивното аплицирање за мали грантови, учеството во национални и интернационални проекти, натпревари и манифестации;
- Ги информираат и поврзуваат градинките и училиштата за тековните еколошки проекти кои се реализираат во општината;
- Вршат поврзување на градинките и училиштата во општината со претставници од локалниот бизнис сектор за реализација на одредени еколошки проекти и акции;
- Вршат промоција на градинките и училиштата во општината пред локалните медиуми и пошироката заедница за реализацијата на одредени еколошки проекти и акции, како и за постигнатите резултати од Програмата.

Со реализација на седумте чекори и со спроведувањето на еко-стандардите се доаѓа до конкретни решенија и резултати за подобрување на животната средина, кои ги содржат трите елементи на одржливиот развој: еколошки, економски и социјален развој на своите граѓани.