Moj НРП

МЕТОДОЛОГИЈА НА СЕДУМ ЧЕКОРИ ЕКО-МЕНАЏМЕНТ

Методологијата на седумте чекори овозможува градинката да ја спои теоријата со праксата при реализацијата на Програмата.

Методологија на седум чекори:

1.Формирање на еко одбор
2.Анализа на состојбата на животната средина
3.План на активности
4.Следење и евалуација на напредокот
5.Поврзување со воспитната програма
6.Информирање и вклучување на целата градинка и пошироката јавност
7.Еко-кодекс

Седумте чекори од Програмата можат да се реализираат во два дела: теоретски и практичен.

Во теоретскиот дел се следниве чекори:

* Формирање на еко-одбор
* Поврзување со воспитната програма
* Еко-кодекс

Во практичниот дел се следниве чекори:
* Анализа на состојбата на животната средина
* План на активности (вклучувајќи ја и реализацијата на еко-стандардите)
* Следење и евалуација на напредокот
* Информирање и вклучување на целата градинка и  пошироката јавност

1. Формирање на еко-одбор
Еко-одборот е движечката сила на Програмата. Негови членови можат да бидат: воспитувачи и негуватели, родители, претставници од техничкиот персонал на градинката, претставници од локалната заедница, претставници од медиумите, претставници од невладините организации, бизнис секторот, претставници од педагошко-психолошка служба и сл.. Членовите на еко-одборот се менуваат или се зголемуваат согласно потребите и интересите на градинката. Еко-одборот предлага, подготвува и дава сугестии за активностите кои се преземаат за реализација на Програмата, но и дава совети, информации и поддршка.
Еко-одборот се состанува на седници и со него раководи претседател. Темите и предлозите за кои дискутира еко-одборот се запишуваат во форма на записник кој се презентира на состаноците на советот и одборот на родители, така што сите се информирани за текот и реализацијата на Програмата.

2. Анализа на состојбата на животната средина
Целта на овој чекор е да се утврди во каква состојба се наоѓа градинката. Со анализата се добиваат податоци и информации за: колку отпад се произведува, колку вода се троши, каква е состојбата со водоводната инсталација, какви средства за чистење се употребуваат, каква е состојбата во дворот, колкав е степенот на свесноста за заштитата на животната средина и какви активности презема градинката околу тоа. Анализата ќе помогне во воспоставувањето приоритети за активностите кои ќе се преземемат. За детална и прецизно изработена анализа градинката треба да се води според воспоставените еко-стандарди.

3. План на активности
Планот на активности се прави врз основа на изработената Анализа и точките на акција од еко-стандардите. Планот на активности е јадрото на Програмата и ги содржи целите за реализација, со временски рокови за нивно почнување и завршување како и распределување на обврските и одговорностите на сите кои се вклучени во реализацијата на Програмата. Поставените цели треба да водат кон подобрување на животната средина во градинката.

4. Следење и евалуација на напредокот
За успешна реализација на планот на активности во целата градинка мора постојано да се мери успехот што се постигнува. Овој чекор се состои од методи на следење на реализираните активности и нивно мерење. Методите на следење зависат од реализацијата на активностите кои се зададени во планот на активности. Овој чекор овозможува децата со вработените да преземат повеќе обврски и активно да се вклучат во негова реализација, на пример: читање на водомерите, пресметување на заштедите според месечните сметки за електрична енергија и вода итн. За таа цел можат да се користат индикаторите дадени за секоја точка на акција од еко-стандардите како и разни форми на прашалници, интервјуа и слично. Со следењето и евалуацијата се овозможуваат промени во Планот на активности доколку во некои области се потребни прилагодувања.

5. Поврзување со воспитната програма
Преку овој чекор се спојува теоријата со пракса, односно еко-стандардите и точките на акција како приоритети на градинката, добиваат теоретска примена во воспитната програма. Еко-стандардите и деветте еколошки теми за работа на градинката овозможуваат бројни можности за поврзување со редовната воспитна програма, особено со темите: Запознавање на природната и општествената средина, ликовно воспитание, музичко воспитание, физичко и здравствено воспитание и сл. како и во Годишната програма за работа. Со тоа се збогатуваат постоечките теми и суб теми со еколошки содржини и содржини за заштита на животната средина. Со реализација на овој чекор децата, вработените и пошироката заедница добиваат знаења за конкретните акции кои ги презема градинката за заштитата на животната средина и реализацијата на Програмата.

6. Информирање и вклучување на целата градинка и пошироката заедница
Активностите за информирање и вклучување на целата градинка и пошироката заедница овозможуваат што повеќе луѓе да бидат информирани и да добијат можност за учество во Програмата. Постојат два вида на односи со јавноста: интерно информирање односно информирање на родителите, целиот воспитен кадар во градинката и екстерно информирање односно информирање на пошироката јавност преку медиумите и други форми на информирање. Вклучувањето на пошироката заедница претставува дополнителен извор за информации, совети, контакти како и практична или финансиска помош. Овој чекор овозможува дополнителен публицитет и препознатливост на градинката.

7. Еко-кодекс
Еко-кодексот ја дефинира целата мисија на градинката и претставува заеднички став односно правилник на однесување на сите вклучени во Програмата. На јасен и декларативен начин се покажува посветеноста на градинката за подобрување на условите во кои се престојува, воспитува и работи. Еко-кодексот може да биде листа на едноставни реченици, но и конкретни акции и правила кон кои ќе се придржуваат сите деца, персоналот, но и сите вклучени во Програмата. Еко-кодексот се истакнува на видливо место и е збогатуван со информации на годишно или полугодишно ниво.